25/03/10 15:47

Како да се облечам за интервју?


 

Секое интервју може да го гледате и како лична „премиера“. Прашањето како да се облечам за на интервју е едно од најчестопоставуваните прашања, независно од возраста или од искуството на кандидатите.

Секако дека не постои универзално правило, но има неколку работи што може да ги земете предвид:


  • Чувствувајте се удобно, а не како кловн во костум. Важно е истата комбинација претходно барем еднаш да ја имате носено. Така ќе знаете колку е удобно во неа, ќе знаете дали фустанот ви е, можеби, прекус или панталоните предолги.
  • Облеката треба да ви биде чиста и испеглана. Никој нема толку многу да внимава која марка ви е облеката сè додека е во уредна состојба и немате дамки.
  • Чевлите треба да бидат чисти. Често се случува, особено наесен и во зима, со себе во просторијата за интервју да внесете кал или листови. Пред да влезете погледнете дали чевлите се во ред.
  • Избегнувајте нападен накит и нападна шминка за на интервју. Тие го одвлекуваат вниманието и не говорат во прилог на вашата професионалност.
  • Ако носите вратоврска, внимавајте да не е истата што е на фотографијата што сте ја испратиле заедно со биографијата бидејќи тие што го прават интервјуто може да помислат дека имате само една вратоврска!
  • Парфемот да биде ставен во умерени количини. Немојте да ги натерате тие што го водат интервјуто да станат и да отворат прозорец за да влезе свеж воздух.

Фармерки и патики нема да ви одат в прилог за да оставите добар прв впечаток, и покрај тоа што во многу компании што се занимаваат со креативни услуги тие секојдневно се носат.

Облеката е поврзана и со самиот изглед. Внимавајте вашата коса да биде чиста, исчешлана. За женските е пожелно да не им го прекрива лицето бидејќи е тешко да се следи невребалната комуникација и да гледа изразот на лицето од страна на тие што го водат интервјуто.

Во секој случај, внимавајте да бидете облечени соодветно за работната позиција и облеката и изгледот да одговараат на вас, а не да бидете „преправени“ како за маскенбал. Автентичноста е важна за секој кандидат. Добро истражете ја компанијата во која имате интервју, каков е нивниот кодекс на облекување.

     
Најави се
Е-маил:
Лозинка:
Заборавена Лозинка?
okno.mk
Добри совети