13/04/10 10:48

Компетенции на кандидатите за вработување


На современиот пазар на труд факултетската диплома не е единствениот критериум за конкурирање на одредено работно место. Работодавците сè почесто имаат тесно дефинирана листа на компетенции што кандидатите треба да ги имаат, кои се движат од специфични знаења и вештини до лични карактеристики на кандидатите.Поголемите компании често вршат тестирања со цел да го одберат најсоодветниот кандидат.

Центарот за истражување и за креирање политика во рамките на анализата на јазот меѓу потребите на пазарот на труд за високообразовани кадри и понудата од страна на високообразовните институции, спроведе анализа на содржината на огласите за работа објавени во печатените медиуми во периодот од август до ноември 2008 година. Се анализираа сите огласи во кои се бараат кандидати со високо образование (иако во некои образованието не беше наведено, според типот на позицијата тоа се подразбираше). Вкупниот број на анализирани огласи е 643, кои вклучуваат вкупно 761 позиција/профил. Фокусот беше на квантитативна анализа на следниве податоци: најбарани професии по сектори/дејности, најбарани образовни квалификации, услови што треба да ги исполнува кандидатот (работно искуство, возраст, познавање јазици, компјутерски вештини, лични карактеристики). Покрај тоа, беа спроведени и интервјуа со претставници на агенции за вработување за да се добијат нивни процени во поглед на важноста што работодавците ја продаваат на поединечни карактеристики/вештини.

Резултатите укажуваат дека во повеќе од половината од позициите (46%), познавањето странски јазик е наведено како еден од главните критериуми за вработување Најчесто се бара солидно познавање англиски јазик (42%), а во мал дел од огласите (3%) покрај англискиот е потребно познавање на уште еден странски јазик (графикон 1). Познавањето странски јазик било поставено како услов за 60 проценти од приватните и за 43 проценти од државните институции/компании. Од поглед на дејноста, познавањето странски јазик е најважно за кандидатите за работа во компаниите од сферата на економија/финансии, информатика и високообразовните институции.

Имањето претходно работно искуство е наведено како предуслов кај повеќе од половината од работните места (53%), иако кај дел од нив не е наведена должината на работно искуство (графикон 2). Најчесто се бара искуство од 2 до 4 години. Иако за речиси половината од позициите не е конкретно наведена потребата од работно искуство, за само 8,5 проценти е експлицитно наведено дека кандидатите не е потребно да имаат работно искуство. Би можело да се заклучи дека тукушто дипломираните високообразовани кадри, кои немале практично искуство, би требало да го бараат своето вработување во рамките на овие 8,5 проценти позиции, што уште повеќе им ги стеснува можностите за вработување.

Имањето претходно работно искуство е помалку важно за дипломците од техничките струки (електро, машинска, информатика), а позначајно за тие со економски и со правен факултет. Оваа ситуација е многу логична поради фактот што тие од првите струки се помалубројни и потешко е да се најдат кандидати што имаат соодветни квалификации и работно искуство.

Компјутерските вештини се поставени како услов за 33 проценти од огласените позиции и вообичаено се однесуваат на познавање на пакетот MS Office. Во 19 проценти од огласените позиции (вообичаено за техничките профили) како дополнителен услов се бара и поседување напредни компјутерски вештини, најчесто: SQL, .NET, AutoCAD и Oracle.

Покрај традиционалните барања за познавање јазици, работно искуство и компјутерски вештини, сè поголем број компании ја нагласуваат улогата на поседување одредени лични карактеристики (таканаречени меки вештини/soft-skills), кои се значајни за работното место. Тоа се, пред сè, добрите интерперсонални вештини (комуникација, преговарање) на кандидатите, кои се наведени во 15 проценти од вкупниот број огласи (или 25 проценти од огласите во кои се наведени лични карактеристики) (графикон 3). Според содржината на огласите, тие се и најзначајни карактеристики за кандидатите од информатичкиот, финансискиот/економскиот и правниот сектор. За првите речиси еднакво е важно да се одговорни, приспособливи и мотивирани. За вработените од секторот финансии/економија, право и јавна администрација како следна значајна карактеристика се наоѓа способноста за тимска работа.

Постојат очигледни разлики во поглед на карактеристиките што се бараат од потенцијалните вработени во приватниот и во државниот сектор. Додека меѓучовечките вештини се сметаат за значајни карактеристики од страна на речиси сите видови компании (наведени се во огласите на 24 проценти од приватните, 20 проценти од државните, 44 проценти од невладините и од меѓународните организации), одреден број од карактеристиките се разликуваат според важноста што им се придава од страна на различните компании. Додека аналитичките и лидерските способности се позначајни за приватните компании (и двете се застапени во 11 проценти од огласите), кај државните се застапени во 1 и 2,7 проценти од огласите. Од друга страна, одговорноста (лојалноста) се смета за еден од приоритетните квалитети од страна на државните институции (18,6 проценти), а помал приоритет за приватните компании (6 проценти).

Претставниците на агенциите за вработување нагласуваат дека вообичаено работодавците немаат прецизно дефинирано карактеристики на кандидатите, што може да се забележи и од големиот број огласи во кои не се наведени карактеристики. Најчесто бараат „добар човек“, имаат прецизирано возраст и сл. Работното искуство, исто така, е една од карактеристиките што е многу значајна за работодавците.

Тие, пак, што бараат кадри без работно искуство најмногу се интересираат за интелектуалните и за социјалните карактеристики на кандидатите. Општиот заклучок беше дека на компаниите често личните карактеристики на кандидатите им се поважни од вештините бидејќи вештините можат да се научат, а тие сакаат да ги профилираат кадрите по свој терк.

Ана Мицковска

Магистер по образование Аналитичар во Центарот за истражување и креирање политики

http://www.globalhr.mk/

     
Најави се
Е-маил:
Лозинка:
Заборавена Лозинка?
okno.mk
Добри совети