21/07/10 10:54

Менторство на работно место


Менторот има повеќе улоги. Историски гледано, ментор е некој што е верен пријател, доверлив и кој дава совети. Така гледано, тој е учител, некој што води и што дава упатства. Има знаење и има статус на стручњак или понапредно ниво од другото лице. Сака да дава и да споделува знаење. Претставува вештини, знаење и постигнувања.

Концептот на менторство

Концептот на менторство има долга историја. Во грчката митологија Ментор бил воспитувач на Одисејовиот син Телемах, па по него настанал и овој поим со кој се означува наставникот што некого води, упатува.

Избор на ментор

Во основа, ефективните ментори споделуваат голем број карактеристики. Кога говориме за профил на ментор, всушност, говориме за синтеза на набљудувања опишани од страна на многу ментори и лица што имале и работеле со ментор во својата организација. Можеби, менторите не ги имаат сите овие карактеристики, но, сепак, најголем дел од нив често ги имаат следниве квалитети:

Познавање на областа во смисла на тоа дека се експерти во дадената област и имаат поставено високи стандарди. Тие се ентузијасти и уживаат во работата. Постојано се надградуваат и имаат најнови информации за случувањата во одредена област.

Демонстрираат вештини во својата област. Нивната работа покажува супериорни постигнувања и користат различна техника и вештини за да ги постигнат своите цели.

Имаат заслужена почит од своите колеги. Тие слушаат и ефективно комуницираат со другите. Ја препознаваат добрата страна и квалитетите на другите. Посветени се за поддршка и интеракција со своите колеги. Тие се способни да преземат улога на друг и да го разберат неговиот став. Сочувствителни се за потребите на другите и, општо земено, препознаваат кога на друг му е потребна поддршка, директна помош или, пак, независност и слобода.

Која е потребата од менторство?

Кои се последиците?

Професионалци што планираат и спроведуваат формални програми за менторство во компаниите би требало внимателно да планираат корисна и соодветна обука за менторите и за учесниците во програмите за менторство. Обуката треба да содржи препознавање на полот, способностите, националната припадност и слично, бидејќи ова може да бидат потенцијалните социо-културолошки фактори што може да доведат до неуспех.

Исто така, треба да се препознаат пра­шањата поврзани со моќта што ја има менторот.

Ефективните ментори ги пречекуваат новите вработени во една компанија, им помагаат во развојот на кариера, сакаат да ги споделат своето знаење, материјали, вештини и искуство.

Не секогаш субјективното верување при процена за „најдобар“ ментор е пресудно за успех на програмата во една организација. За споредба, во 1912 година White Star Line го конструираа и изградија „Титаник“, кој важеше за најбрзиот, најдобриот, најлуксузниот и за најбезбедниот патнички брод на светот. Овие карактеристики ги носеше од денот кога првпат заплови до денот кога потона. Тука се поставува прашањето за „најдобра“ програма за менторство! Во секој случај, нема да погрешите ако имате индивидуален пристап и ако ја приспособувате програмата на барањата на другата страна.

Во менторската работа главна карактеристика е водењето повремени разговори, упатување на вработениот, кој, во најголем дел, треба самостојно да ја работи. Менторот го советува и врши контрола. Со ваквиот начин на работа, многу се развива самостојноста на работното место. Од друга страна, вработените ја совладуваат техниката на работа и се навикнуваат да ја користат во согласност со описот на работното место.

Секоја програма за менторство треба да биде временски ограничена, да има јасно поставени цели, да ги дефинира задачите, да е познато учеството и на двете страни. Се следи напредокот на одреден временски период, на пример на секои шест недели. Важен елемент е вработениот да прави самопроцена, за која подоцна ќе дискутира со менторот. Со ова се развиваат сопствените способности за објективност. На крајот, резултатите се ставаат во финален извештај, кој се чува во досието на вработениот.

Евалуација на програмата за менторство е важен составен дел. Со неа се гледаат потрошените ресурси, инвестицијата и искуството ни дава предност при планирање на следната програма за менторство, која, не заборавајте, треба да биде со поединечен пристап за секој нововработен.

 

Афродита Кермичиева-Пановска

Подготвено од: http://www.globalhr.mk/

     
Најави се
Е-маил:
Лозинка:
Заборавена Лозинка?
okno.mk
Добри совети