26/07/10 10:29

Осамен волк или член на групата?!


Во експериментите што ги спроведувал Аш уште во 1951, испитувал дали притисокот од околината може да го промени судот што го има една индивидуа и да донесе суд кој е целосно спротивен на неговиот. На своите испитаници Аш им задавал едноставна задача: на првиот слајд била прикажана една линија, а на вториот слајд биле претставени неколку линии со различни должини. Во испитувањето учествувале повеќе групи од 5-6 луѓе, од кои само еден бил вистински испитаник, а другите биле соработници на Аш. Учесниците требало гласно да одговорат која од линиите од вториот слајд била најблиска во должина со линијата од првиот слајд. Вистинскиот испитаник одговарал последен, откако останатите (соработниците) биле упатени да дадат погрешни проценки. Се докажало дека испитаникот се стремел да го усогласи својот одговор со останатите членови на групата, дури и тогаш кога било сосема очигледно дека проценката на другите е погрешна.

Овој експеримент и многу други после него, укажуваат на моќното влијание што го има групата врз однесувањето на луѓето.

Групата во организацијата може да се дефинира како збир од луѓе кои имаат заеднички интереси, тежнеат кон иста цел и се во взаемна интеракција. Постои причина зошто луѓето едноставно сакаат да се дел од групата и зошто групата притоа има големо влијание:

  • Компатибилните вештини и способности на членовите овозможуваат поголема ефикасност и подобар квалитет на производот;
  • Безбедност-вработените се чувствуваат посилни кога можат заеднички да реагираат;
  • Припаѓањето во група им дава на вработените одреден статус и самодоверба;
  • Моќ-во процесот на преговарање, притисокот е поголем кога групата е побројна.

За опстанокот и благосостојбата на ор­гани­зацијата од голема важност е донесувањето одлуки во рамките на групата. Постои тенденција, групите да донесуваат одлуки што се многу поекстремни од одлуките кои би ги донеле поединците. Ваквата појава се нарекува групна поларизација. Групната поларизација се јавува, бидејќи луѓето кои работат во групата се обидуваат своите проценки да ги усогласат со вредностите на групата. На овој начин би се оправдале горенаведените причини зошто поединецот е во рамките на групата и би се отстранил стравот да не се биде отфрлен.

Притоа неодминлив е фактот дека во секоја организација егзистираат одреден број групи, што значи имаат директно влијание врз целокупниот социо-психолошки живот на организацијата.

На крајот, само уште неколку, веќе проверени препораки за успешно донесување на одлуки во групата:

  • доколку се појави пат-позиција, барај ја следната најдобра алтернатива;
  • не тргнувај од претпоставката дека некој мора да биде победник, а друг да изгуби;
  • избегнувај расправии за својата позиција, логички објаснувај го своето гледиште, потоа слушни ги реакциите и гледиштата од другите;
  • не го менувај своето мислење само за да избегнеш конфликт;
  • избегнувај техники за избегнување конфликти како гласање или фрлање паричка;
  • постигнатите резултати истакни ги на јавно место;
  • одржувај редовно состаноци, било формални, било неформални, така би се одржувал ентузијазмот;
  • природни и очекувани се разлики во мислењата, барај ги насекаде и вклучи ги сите во процесот на донесување на одлуки.

 

Калина Сотироска

Магистрант на организациска психологија

Филозофски факултет Скопје

Институт за психологија

Подготвено од: http://www.globalhr.mk/

     
Најави се
Е-маил:
Лозинка:
Заборавена Лозинка?
Најнови вести
okno.mk
Добри совети