26/08/10 10:31

Креативноста и техники за нејзино поттикнување


Истражувањата покажуваат дека човечкиот мозок се развива асиметрично и секоја од хемисферите (лева и десна) се специјализира за извршување на одредени функции. Левата хемисфера е одговорна за линеарното, вертикалното и логичното размислување и истата управува со јазикот, логиката и симболите, а десната пак за калеидоскопското размислување т.е размислување кое се ефектуира низ множество на слики, впечатоци кои брзо доаѓаат и одминуваат, за еден вид шаренило и разноликост. Токму десната хемисфера управува со емоциите, интуицијата и просторните функции и истата е одговорна за неконвенционалното, несистематизирано и неструктурирано однесување кое лежи во основата на креативноста.


Добриот менаџер треба да научи како да ги ко­ристи и координира две­те мозочни хемисфери од причина што десната му овозможува да дојде до мноштво оригинални идеи и можни решенија, а левата да ги вреднува раз­личните идеи и да од­бере најдобра сол­у­ци­ја.


Креативноста е карактеристика на многумина луѓе, а не само на поединци. Многумина од нас ја потиснуваат својата креативност од раните детски години, што резултира со недоволно искористување на тој неверојатен потенцијал. Но, постојат поединци кои навистина знаат како да го искористат сопствениот креативен потенцијал и истите се карактеризираат со флексибил­ност на мислење и однесување, неконвенционалност на ставови, склоност кон предизвици и ризици. Високата интелигенција не е нивна значајна карактеристика, но се одликуваат со отфрлање на стереотипите, чувство на важност на нештата кои се нивна преокупација, про­наоѓање на нови, неоткриени патишта за решавање на постоечките проблеми. Креативноста не произведува само уметнички дела и врвни постигнувања во знаењето туку, истата се отсликува во сè што работиме, во сите сфери на животот. Креативен може да се биде во одгледувањето на децата, во решавањето на конфликтите и проблемите, а особено во работата. Креативното работење ја напушта парадигмата која вели: ”Работењето е сериозна работа - тука нема простор за шеги”. Доколку сакаме да бидеме единствени мораме да ја напуштиме рутината и да размислуваме на нови начини.

Менаџерите можат да ја зајакнат организациската креативност применувајќи го следното:

Вклучување на различност или употреба на различна работна сила, ангажирање на кадри со различни биографии, искуства и интереси;

Очекување на креативност или дозвол­ување на вработените да бидат креативни;

Очекување и толерирање на неуспех. Најсигурен начин да се „загуши” креативноста на вработените претставува казнувањето на оние кои сакајќи да направат нешто ново, невообичаено-погрешиле;

Охрабрување на љубопитноста со посто­јано поставување на прашањето: „што ако?” и заземање на ставот: „можеби би можеле”;

Гледање на проблемите како на предизвик;

Обезбедување подготовка за креативност. Скоро секој човек има капацитет за креативност, но развивањето на креативноста бара соодветна подготовка. Еден писател напишал: „Што е тоа што го одвојува просечниот човек од Едисон, Пикасо, Шекспир, зарем не е тоа капацитетот за креативност - тоа е способноста да се обезбеди капацитет преку охрабрување на креативните импулси и потоа делувајќи согласно на нив.”

Обезбедување поддршка односно потребните алатки и ресурси за развој на креативноста, како што е времето. Кретивноста честопати бара од вработените да мечтаат, „сонуваат со отворени очи”, а менаџерите треба тоа да им го овозможат како значаен дел од овој процес.

Развивање на процедура за прифаќање на идеи. Вработените во секоја организација доаѓаат со најразлични креативни идеи, но не секоја организација е подготвена да ги прифати истите.

Наградување на креативноста. Финансиските награди можат да бидат ефективни мотиватори за креативно однесување, но непаричните награди како што се пофалбата, признанието и унапредувањето можат да имаат помоќни стимулации.

Покрај техниките за создавање на креативен амбиент во организацијата, наведуваме и соодветни техники кои се применуваат за зајакнување на креативноста на поединецот, а тие се:


  • Дозволи си самиот на себеси да бидеш креативен. Најголемата пречка за изразување на креативноста е неверувањето во сопствената креативност.
  • Секојдневно давај му нов инпут на својот ум по пат на слушање на нова радио станица, прошетка во паркот, читање на ново списание итн.
  • Препознај ја креативната моќ на грешките. Креативните луѓе признаваат дека честопати самите грешки можат да бидат водич за нови идеи, производи или услуги.
  • Чувај го својот дневник при рака за да можеш да ги запишеш новите мисли и идеи.
  • Слушај ги другите луѓе. Многупати добрите бизнис идеи доаѓаат од другите луѓе, а менаџерите треба да одговорат на нив.
  • Зборувај со децата зошто нивната креативност нема граници.
  • Чувај кутија со играчки во својата канцеларија.
  • Читај книги за стимулирање на креативноста или земај часови за креативност.
  • Имај слободно време. Рела­кса­цијата е клучна за креативност.

 

Со цел да се поттикне креативноста кај менаџерите и вработените развиени се и повеќе методи меѓу кои позначајни се: метод на фокусни групи, анализа на про­наоѓачки проблеми, бреинсторминг, слободна асоцијација, Гордон метод итн. Целта на нивната примена е генерирање на многубројни идеи за развој на нов производ или услуга, или креативно решавање на проблемите со кои се соочуваат организациите во секојдневното работење.   

 

Анита Стошиќ

Докторант на Економски Факултет
Универзитет „Св. Кирил и Методиј” Скопје

Подготвено од: http://www.globalhr.mk/

     
Најави се
Е-маил:
Лозинка:
Заборавена Лозинка?
Најнови вести
okno.mk
Добри совети